Од 29-ти јули до 1-ви август на летната сцена во Домот на поезија во Струга, ќе се одржува петтото издание на фестивалот на кратки филмови Drim Short. Оваа година под мотото „Сонувајте кратко“.
Отворањето ќе биде во 18:30 часот со промоција на книгата „Филмски великани“ од Сунчица Уневска и изложба на Милко Нестороски и Лида Шерафатман – „The dreams of nature, souvenirs of reality’.
Ќе бидат прикажани педесетина кратки филмови од автори ширум светот, поделени во четири категории. Категориите се интернационална, регионална, студентска и “Dealing with the past“.
„Дојдовме до мал, но значаен јубилеј, остварен пред се‘ со љубов и посветеност, Струга да има филмски фестивал, кој ќе стане уште еден убав и препознатлив белег на градот. Филмот никогаш не бил близок до Струга како денес и наша намера е тоа да стане традиција долга како поетската. И ниедна традиција денес не би била важна, ако некој, некогаш, не го направел првиот чекор. А ние стасавме до јубилејниот, петти чекор, важен, голем и обоен во живоста на брановата должина од спектарот помеѓу сината и зелената боја. Цијанот, кој резонира со струшкиот пејзаж, езеро, река, дрвја, небо и немир“, велат од фестивалот.