Од Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ известуваат дека започнуваат со развивање нова продукција. Изведувачката програма на овогодинешното издание ќе биде трансформирана во платформата за изведувачки уметности, симболично насловена „Испробување на феминистички иднини“.
„Во рамки на платформата од јуни до октомври 2021, ќе бидат развиени 2 авторски проекта во полето на современиот танц, перформанс и/или театар на 2 жени уметници кои работат на локалната независната културна сцена во полето на изведувачките уметности, кои не се вработени, ниту пак имаат редовен хонорарен однос со некоја јавна институција од областа на културата“, велат тие во нивното соопштение.
Програмата ќе вклучува постојана креативна, финансиска и продукциска поддршка во текот на сите фази. Додека пак, продукциите ќе имаат премиера во рамки на Меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“.
„…Целта ни е да го адресираме, но и во извесна смисла да го ублажиме длабокиот удар што КОВИД пандемијата го нанесе на и онака прекаријатната положба на независни жени уметници и културни работнички, а кој недоволната и несоодветна поддршка што годинава ја обезбедија релевантните институции само го засили и продлабочи“, изјавија од „Тиииит! Инк.“, кои деветти пат го организираат „Прво па женско“.