„Рома рок скул“ од Скопје започна онлајн кампања со која собираат средства кои ќе бидат искористени за да се обезбеди бесплатно музичко образование на 30 деца Роми. Нивната цел е до 23 април да соберат најмалку 5000 долари од 40 различни донатори.
Тие се надеваат со средствата кои ќе ги соберат да ги набават потребните музички инструменти, да ја платат киријата за просторот, хонорарите за наставниците итн.
Алвин Салимовски, директорот на основното училиште „Браќа Рамиз Хамид“, го започна овој проект и во текот на изминативе четири години постигна одличен успех со младите од ова училиште. До сега се формираа дури четири бендови во кои учествуваат уениците, организираа неколку јавни настапи и се здружија со врсниците од нивниот регион.
Овие ученици – поради ситуацијата со пандемијата – вежбаат дома, преку онлајн платформите заедно со нивните наставници. Тие учат соло пеење, читање ноти, музичка теорија и свирење на инструмент.
„Околу 15-тина Роми има дипломирани на Факултетот за музичка уметност во Скопје од основањето на факултетот. Тоа е премала бројка за толкав музички талент“, кажува Салимовски.