„Преспав“ е македонска ТВ серија, базирана на семејната приказна на браќата Бузалевски, кои отвораат пансион во преспанскиот регион, благодарение на средствата добиени од ИПА фондови.
Пансионот е метафора на реалните случувања (политички и општествени), во кои се прекршува и балканскиот менталитет – од кои ликовите не можат да избегаат. Ваквата ситуација ги става ликовите во постојан конфликт од кој произлегуваат комични ситуации во кои ќе можат да се препознаат и самите гледачи.
Продуцент на серијата е Пеце Талески, а во режија на епизоди се: Игор Иванов, Вардан Тозија, Елеонора Венинова и Даријан Пејовски. Меѓу главните улоги играат Тијана Дапчевиќ во улогата на Ула, Игор Ангелов како Коста, Игор Стојчевски – Тони и Горан Стојановски – Инспектор Томе.
Тијана Дапчевиќ – Ула, изјави дека најмногу и помогнале Јелена Јованова која ја игра улогата на Јелена од Драчево и Васил Зафирчев кој ја игра улогата на Марио.
„Никогаш не се случило никој да повиши тон на некого. Никогаш…Освен помеѓу брачниот пар Ула и Коста. Дали тоа беше минатата сезона или оваа не се сеќавам, Јелена ни рече: „Вие двајца сте стварно како брачен пар“. Се случува Игор да ждригне на снимање или на ручек, а јас му велам – свињо, како не ти е срам. Буквално како брачен пар“, раскажува Тијана.
Атмосферата помеѓу глумците е навистина хармонична, а тоа може да го потврди и досегашниот успех на серијата.