На 24-ти април на драмската сцена во Белград, на сцената која го носи името на великаните „Оливера и Раде Марковиќ“, премиерно ќе биде прикажана култната претстава „Диво месо“, според текстот на најголемиот македонски драмски писател Горан Стефановски, а во адаптација, режија, сценографија и избор на музика на Јагош Марковиќ.
„Многу нешта во ова дело инспирираат, интригираат, многу… Оваа претстава е многу повеќе од добра претстава…Горан Стефановски е неверојатен… Ова го напиша пред 40 години, и како да го напишал сега. И ова како капитализам, таа нехуманост на тој голем механизам, кој јаде луѓе … Не ми е гајле за нас… Мислам на овие млади луѓе, на овие деца, како тие ќе живеат…“ вели Јагош Марковиќ.
Претставата за прв пат ја имаше својата премиера во 1979 година во Скопје, оттогаш имаше неколку продукции во поранешна Југославија, а разни театарски критичари и театролози ја нарекоа драма на векот.
Во кастингот на претставата се: Јово Максиќ, Сандра Бугарски, Лука Грбиќ, Марко Тодоровиќ, Александар Вучковиќ, Андријана Ѓорѓевиќ, Љубинка Клариќ, Вања Ненадиќ, Павле Пекиќ, Емир Катовиќ, Милан Чучиловиќ и Јана Милосављевиќ.