Македонската ТВ серија „Зоки Поки“ наскоро ќе биде емитувана на националните телевизии „ДР“ во Данска и „ЈЛЕ“ во Финска, соопштува продуцентската куќа „Кино Око“.
„Емитувањето на овие четири национални телевизии значи потенцијал за огромна гледаност на „Зоки Поки“. За македонската кинематографија, пак, ова е успех од историско значење. „Зоки Поки“ е единствената македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала на јавните сервиси во овие четири земји“ – велат од „Кино Око“.
Од дистрибутерот „Видеоплагер“ од Лондон силно веруваат во светскиот потенцијал на серијата, моќта да го збогати детскиот свет и да ја развие детската имагинација, особено во време кога нивните активности се значително ограничени и намалени поради тековната пандемија.
„Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските програми снимани за телевизија. ʻЗоки Покиʼ ќе продолжи да ги поминува меѓународните граници“ – вели Емануеле Галони, извршен директор на „Видеоплагер“.
Но, и покрај интернационалниот успех на серијата, втората сезона на „Зоки Поки“ е сеуште под знак прашалник, поради тоа што државата сеуште не пројавува интерес за нејзино финансирање.