Националната опера и балет за петок (19 март) од 19 часот го најави балетскиот концерт „Романтична балетска вечер“. Концертот ќе опфати две балетски дела во кореографија на Аугуст Бурнонвил инспирирани од Франција и Шпанија.
„Ќе бидат претставени две помали класични балетски дела на Бурнонвил инспирирани од неговата страст за патувања и посета на други земји: „Конзерваториумот“ од 1849 година, што претставува омаж на неговата младост и едукативен престој во Франција и „La Ventana (Прозорецот)“ кој ја отсликува неговата страст за Шпанија. Наша огромна желба е вие, нашата драга публика, да уживате во изведбата и да се запознаете со една друга страна на балетот, каде „Joie de vivre“, односно „Радоста на животот“ е најважното нешто“, велат организаторите.
Изведбата е режирана од Ева Клоберг и Франк Андерсен (Данска), кореографијата е на Аугуст Бурнонвил (Данска), на музика од Х. С. Паули, Х. К. Лумбие, В. К. Холм, Е. Хелстед, сценографијата е на Зоран Николовски, костимите ги изработи Марија Пупучевска, а асистент на продуцентите е Саша Евтимова.
Од Националната опера и балет напоменуваат дека настанот ќе се одржи според протоколите за Ковид-19. Сите посетители задолжително мора да носат заштитна маска.