Со насловот „Скопје“ , е насловена електро акустичната симфониска поема на македонската композиторка Ана Пандевска чија изведба ќе биде на концертот „Музиката и градот“ на Филхармонија.
Симфониската поема „Скопје“ е фузија од различни музички влијанија, истражувања и естетски вкусови споени во едно дело. Инспирацијата за делото е градот Скопје, градот во кој самата композиторка е родена и живее и, во него, како што вели се обидува на урбан начин да ги пренесе своите емоции и најзначајните скопски знаменитости преку наративните семплови на електронската трака.
Таа вели дека со силни емоции е врзана за Скопје, а особено со значајните знаменитости на градот како Дебар Маало, Камениот мост, Стара Железничка станица итн.
Пандевска за композицијата вели дека ја напишала во 2020 година како дел од годишната програма на Министерството за култура.
Како дел од програмата ќе бидат и домашната творба на Васил Атанасов „Фантазија за обоа и оркестар на фолк тема“, „Адаџето“ од Густав Малер и „Роденденот на една инфантка“ од австрискиот композитор Франц Шрекер.