Фестивалот Glastonbury 2021 и официјално е откажан заради Ковид пандемијата. Во соопштение за јавноста организаторите изјавија „Со големо жалење, мора да објавиме дека годинешниот фестивал Glastonbury нема да се одржи. И покрај нашите напори, стана јасно дека едноставно нема да можеме да го реализираме фестивалот оваа година“. Настанот нема да биде презакажан, а организаторите се надеваат дека ќе можат да подготват нешто посебно за 2022 година.
Првиот Glastonbury фестивал е одржан во 1970 година еден ден после смрта на Џими Хендрикс, траел два дена, изведувачи биле Marc Bolan, Keith Christmas, Stackridge, Al Stewart, Quintessence и имало 1500 посетители. Веќе наредната година бројот на посетители се искачил на 12.000, за кон крајот на 90-тите да биде над 100.000, а од 2010 да се искачува над 200.000. На фестивалот низ годините наназад настапувале огромен број на изведувачи, вклучувајќи ги Боб Дилан, Род Стјуард, Дејвид Боуви, Ролинг Стоунс, Лени Кравитз, Стинг, Бјорк, Иги Поп и многу други.
Фестивалот Glastonbury има големо културно и глобално значење со оглед на тоа што е најголемиот фестивал на отворено во светот и неговото откажување најверојатно ќе ги постави насоките за фестивалите што треба да се одржат оваа година. Во Велика Британија има 975 фестивали. За некои од поголемите настани овој месец ќе се донесат одлуки дали ќе продолжат, а за останатите се очекува да биде познато до март.