Краткиот анимиран филм „Карантин“ на Иван Андреевски, по сценарио на Михаил Наумов и по приказна на Љубомир Саздовски ќе биде дел од официјалната селекција за награди на најголемиот светски фестивал за анимиран филм во Анеси, Франција.
Македонската премиера на „Карантин“ беше на Флипбук Филм Фестивал во Скопје во август 2020, каде ја освои Специјалната награда на жирито, кое го оцени филмот како „Мајсторски сработена анимација од млади автори која укажува на тоа дека златното време на македонскиот анимиран филм е пред нас“.
Анимираниот филм „Карантин“, е во австралиско-македонска копродукција. Тој беше избран од фестивалската програма Перспективи. За ова годинешно издание на Анеси конкурирале 2,700 филмови од речиси 100 земји. Угледниот фестивал стар над 60 години годинава ќе се одржи онлајн од 14 до 19 јуни.
Ова е навистина голем чекор за сцената на македонскиот анимиран филм.